Рецензии / Metallica - Death Magnetic

7

Living Dead Inside

од Игор Жо (40 Рецензии)
Fri Sep 19 15:19:59 UTC 2008 | 645 прегледи

Metallica. Навистина тешко е објективно да се расудува за таков бенд кој веќе станал поим и институција како во историјата на музиката така и во секојдневниот живот. А уште потешко кога излегува нов албум по 5 години како следбеник на албум општо оценет како промашување. Би сакал да можам да го чујам Death Magnetic со лаичкото, аматерско и во фаза на чистење од предрасуди и пречки уво со кое пред неколку години првпат ги слушнав останатите албуми на Metallica кои тогаш ме воведоа во светот на инспиративната и сериозна музика каде ете сеуште сум заробен, и на чии први 5 поглавја никогаш не престанав да се восхитувам и да ги обожавам.

Но, оттогаш работите се сменија. Metallica на многу наврати покажаа дека не се ни блиску до тоа што биле некогаш, што всушност и не е толку тешко да се прифати како интимна измена и созревање на психата на членовите кое секако дека доведува и до промени во звукот на бендот. Пораснаа и фановите, и постојано доаѓаа нови, но тоа што остана заедничко за сите е носталгијата за искрениот, креативен и епски звук на првите дискови на бендот која во последните години (посебно по експерименталниот и блед St.Anger) неминовмо се зголеми и застана како тупаница на патот на натамошната работа на Metallica. Оттаму, бендот го најми легендарниот продуцент Рик Рубин, го врати старото лого и најави албум со многу прогресив елементи и звучни масиви во стилот на недопирливите Ride The Lightning и Master Of Puppets, што секако беше само делумно добра вест. Бидејќи и тоа како беше јасно дека Metallica и да сакаат не можат да бидат како некогаш, времето не им дозволува, а дека обид за такво нешто веројатно би бил недоволен и неискрен.

И ете, после сета меидумска фама и очекувања на албумот, Death Magnetic e конечно достапен за секого и насекаде, спремен да изненади скоро секого. После неколку слушања на долгиот и интересен албум мора да се симне капа на овој бенд бидејќи со него докажуваат дека ако сакаат без проблем можат да снимат подобар албум од сите Тривиуми и нивните лоши обиди да го доловат духот на Metallica и да звучат помоќно и со повеќе душа од сите остарени бендови со кои заедно ја пишуваа метал историјата. А со Death Magnetic истата се повторува – како во минатото кога Metallica со секој нареден албум се чинеле стотици светлосни години понапред од своите колеги, така и Death Magnetic е далеку подобар и посериозен албум од еден United Abominations или The Formation Of Damnation.

Сепак, не е толку лесно новите композиции на бендот еден фан да ги стави во иста класа со историско менувачките The Four Horsemen, Creeping Death, Disposable Heroes, One, The Unforgiven итн итн. Потребата на Metallica да сними албум кој ќе ги задоволи фановите не ја исполнува и потребата на музиката да е направена со сето срце и со сиот труд, па оттаму албумот многу често звучи пренасилен и правен на памет (како на здодевните The End Of The Line, Broken Beat And Scarred и All Nightmare Long). Но од друга страна и ова што успеа да го направи бендот е многу,и со малку потрезвено размислување и повеќе посветено внимание на моментот и чувството, Death Magnetic можеше да биде ѓаволски добар албум. И ако се занемари дека албумот е од Metallica, и ако за миг се заборави за сета нивна историја и сите нивни издигања и падови, албумот е солидно музичко остварување кое стилски веројатно би се нарекло “модерен омекнат треш” полно со навистина пријатни изненадувања. That Was Just Your Life е одличен вовед во приказната, со трејдмарк Hetfield рифови, The Judas Kiss е веројатно најдобриот обид на овој албум а пак Cyanide претставува фузија меѓу првите албуми на бендот и Load eрата и потполно владее имајќи ебено добра бас линија и супер рефрен. Малку разочарува The Day That Never Comes, која сепак за малку не успева да стане трогателна балада премногу потсетувајќи на минатото и не успевајќи да звучи претерано искрено, за која и покрај се не смее да се рече дека е лоша песна. The Unforgiven III иако не го заслужува својот наслов сквернавејќи ја можеби најсовршената и најсрцепарателна песна на бендот е извонредно парче музика далеку подобро од своето второ поглавје. Солажите на Kirk Hammett кои толку многу им недостигаа на фановите сега се тука и во поголемиот дел од случаите звучат како да се тука да пополнат место и се составени од веќе илјада пати чуени концепти и идеи. Тоа што развеселува се неверојатно добрите рифови и комплексни ритмички делници за кои Metallica најмногу ги бива кои на Death Magnetic знаат да се појават неколку пати кога се најпотребни, најмногу застапени на инструменталката Suicide & Redemption. Не е баш The Call Of Ktulu, но е претерано добра. My Apocalypse во стил на Master Of Puppets (каде гневната Damage Inc. следуваше после епската инстр.Orion) и … and Justice For All (каде Dyers Eve ја надополнуваше меланхоличната инстр. То Live Is To Die) фуриозно и со задоволителна доза на агресија го затвора албумот.

Размислував помеѓу7 и 8, и сепак се одлучив за помалата од тие две оценки која секако е повеќе од одлична оценка за еден албум. Песните на Death Magnetic можеби и немаат некој посебен значај и елементи кои ќе изменат нечив живот но се доказ за големината и моќта на Metallica, бенд со невидена желба за живот и енергија за уште неколку животи. И не е ни чудно што албумов квалитативно не се доближува до старите изданија на бендот ако се потсетиме кооолку добри и божествени се истите.

5838

Листа на песни

That Was Just Your Life
The End of the Line
Broken, Beat & Scarred
The Day That Never Comes
All Nightmare Long
Cyanide
The Unforgiven III
The Judas Kiss
Suicide & Redemption
My Apocalypse