Рецензии / Cynic - Traced In Air

8

Kings Of Those Who Know

од Игор Жо (40 Рецензии)
Fri Sep 26 17:41:34 UTC 2008 | 251 прегледи

Ах. Помина толку време откако учествувајќи во многу бендови (секако вклучувајќи ги и неповторливите Death) членовите на Cynic конечно го снимија својот прв студиски албум кој историјата на техничките (дет) метал правци ја измена од корен за потоа да се распаднат оформувајќи нови бендови и гостувајќи на сопствените и туѓи проекти за во 2006 да се реоформат и наскоро да го најават снимањето на новиот албум. И ете, после цели 15 години од издавањето на класиката Focus, Cynic ја збогатија својата скромна и многу несекојдневна дискографија со второто чедо по име Traced In Air.

Овој пат поставата на бендот која низ годините претрпе многу промени (освен секако Мasvidal и Reinert, јадрото на Cynic) е идентична со таа на Focus освен гитаристот Jason Gobel кој е заменет со Tymon Kruidenier од Еxivious кој исто така ги пее growl вокалите на албумот (таа задача на Focus му беше доверена на Tony Teegarden). На општо пријатно изненадување на сесиите за албумот во бендот се врати феноменалниот басист Sean Malone (вела за сесиите бидејќи во живо басот го изведува Robin Zielhorst,колега на Tymon од Exivious) на кого ако му се додадат веќе добро познатите Paul Masvidal (гитара и вокал) и Sean Reinert (тапани) збогатени со новиот член Tymon се добива конечната постава на Cynic за албумот Traced In Air. Каверот е сличен на оној од Focus, т.е. се чини како негово продолжение, идентично е и времетраењето (околу 35 минути) и бројот на песните (8). Но освен тоа, иако можеби бендот и публиката би сакале светот да биде збогатен со уште еден Focus, Traced In Air е прилично различен следбеник од деби албумот на бендот, што воопшто не зачудува и само ако се споредат годините на издавање на албумите. Овој пат дигиталниот глас е помалку роботски и е поблизок до слушателот, growl-ањето е значително намалено и речиси занемарливо а и целиот звучен опис на бендот губи на агресија и удар. Всушност, Traced In Air е едвај метал албум, ако на некого воопшто му е битно тоа. Звукот е неопислив и амбиентален, мистериозен и неочекуван, со нејасни акорди и вокални линии а пак албумот интересно почнува со Nunc Fluens а завршува со Nunc Stans и е непрекината емотивна авантура кратка по траење но бескрајна по квалитет и чувствителна моќ. Токму така, на овој албум главниот збор го имаат емоциите, најмногу оние меланхоличните и најнеизбежната – љубовта. Процесираниот глас на Masvidal и плачливите солажи отсвирени над интересна ритам подлога ќе го исполнат со една слатка и пријатна тага секој слушател кој не може да биде незадоволен иако веројатно смета дека бендот премногу се разлигавил.

Албумот се гради бавно и паметно низ експерименталното и збунувачко интро Nunc Fluens проследено со одличните The Space For This и веќе добро познатата за секој Cynic фан Evolutionary Sleeper (неверојатно добра песна каде што growl-от го има својот хајлајт на овој албум во почетното EVOLUTION) по што следува мелодичната и заразна Integral Birth и една од покомплетните песни на албумот The Unknown Guest, со извонредно срце-парателно соло, чуден рефрен и одлични изведби на Tymon и Reinert, кој и на овој албум се искажува како еден од светските најдобри тапанари. Хипнотизирачката и психоделична Adam’s Murmur има најсоодветен наслов бидејќи сите текстови на албумот би можеле да се наречат Paul’s Murmur (текстовите се сеуште недостапни а идентификувањето на зборовите е апсолутно невозможно), а после неа следува емотивната ерупција на албумот. King Of Those Who Know и Nunc Stans не се баш How Could I нo слично како споменатата класика на бендот слушателот се просветлува и спиритуализира слушајќи ги затварачките песни на Traced In Air, само овој пат звукот е далеку посмирен и понежен, без огромна желба за правење нешто ново и револуционерно туку за правење нешто искрено и зрело.

Traced In Air е навистина несекојдневен и иновативен албум кој со секое слушање звучи временски далеку а емотивно поблиску. Иако Cynic е бенд кој отсекогаш и должел многу на техниката и технологијата, Traced In Air докажува дека музиката е пред се уметност за искажување чувства и размислувања и дека без нив било какво теориско/техничко познавање е безвредно. Traced In Air ја слави вечната победата на чувствата над технологијата преку техничко совршенство, колку и да звучи тоа нелогично.

5860

Листа на песни

Nunc Fluens
The Space For This
Evolutionary Sleeper
Integral Birth
The Unknown Guest
Adam's Murmur
King of those Who Know
Nunc Stans